Владата за утре има закажано неколку аукции на различни државни хартии од вредност, со кои планира кај домашните банки и пензиски фондови да се задолжи за нови близу 31 милион евра. Веднаш наредниот ден, пак, в среда, таа кон домашните кедитори треба да врати поголема сума, од близу 33 милиони евра. Ова задолжување на домашниот пазар следува по пауза од две недели, откако на 15 април годинава државата позајми близу 29 милиони евра, преку едногодишни и шестмесечни државни записи. Она што е интересно за утрешните вторнички аукции, е што повторно влегуваат во игра десетгодишните државни обврзници, откако тие прв пат беа издадени во јануари годинава. Претходно најдолгорочната државна обврзница во земјава била издадена на период од пет години.
Владата за утре има закажано неколку аукции на различни државни хартии од вредност, со кои планира кај домашните банки и пензиски фондови да се задолжи за нови близу 31 милион евра. Веднаш наредниот ден, пак, в среда, таа кон домашните кедитори треба да врати поголема сума, од близу 33 милиони евра.
Ова задолжување на домашниот пазар следува по пауза од две недели, откако на 15 април годинава државата позајми близу 29 милиони евра, преку едногодишни и шестмесечни државни записи.
Она што е интересно за утрешните вторнички аукции, е што повторно влегуваат во игра десетгодишните државни обврзници, откако тие прв пат беа издадени во јануари годинава. Претходно најдолгорочната државна обврзница во земјава била издадена на период од пет години. И првиот пат, а и сега, обврзниците со рок на враќање од 10 години се издаваат на пониски износи, што според познавачите, се' уште е на ниво на опипување на пулсот на Владата за овој вид хартии од вредност. Емитувањето подолгорочни државни обврзници е препорака и на меѓународните финансиски институции, кои сметаат дека преку обезбедување на можноста исплатата на дел од обврските да оди на подолги рокови, подобро ќе се менаџира со јавниот долг на земјава.
Инаку, за утре Владата преку десетгодишни државни обврзници планира да позајми сума од 1,5 милиони евра, за која државата ќе плати камата по стапка од 5 отсто. Поради подолгиот рок, оваа камата е повисока од онаа кај краткорочните хартии од вредност. Оваа обврзница ќе се отплаќа во наредните десет години, а последната рата ќе биде исплатена во 2024 година.
Во јануари годинава, пак, беа издадени десетгодишни обврзници за 2,9 милиони евра.
Покрај десетгодишните обврзници, Владата за утре планира да издаде и петгодишна обврзница, од 2,2 милиони евра, со купонска камата од 4,6 отсто.
Најголемиот дел од бараната сума, сепак, се планира да се обезбеди преку шестмесечни записи без девизна клаузула, на износ од 20,7 милиони евра, со камата од 3,15 отсто, а преку шестмесечни записи со девизна клаузула ќе се „соберат“ 2,4 милиони евра, со камата од 3,1 отсто. Додека, пак, преку 12-месечни државни записи без девизна клаузула (ре-опенинг), ќе се позајмат 3,7 милиони евра, со камата од 3,6 отсто.
Според последните податоци на Министерството за финансии, долгот на централната Влада во февруари продолжил да расте. Односно, на крајот на вториот месец од годинава тој достигнал 2,81 милијарди евра, што е 35,2 отсто од бруто-домашниот производ на земјава. Внатрешниот долг на Владата веќе се искачи на 1,2 милијарди евра, зборуваат бројките.